Општ опис

Електронски дневник (Е-Дневник) е проект на Министерството за Образование и Наука (МОН) кој има цел да ја подобри комуникацијата помеѓу наставниците и родителите, да овозможи брз и едноставен увид на информациите од дневникот од страна на наставниците во училиштето, да овозможи централизирани и брзи статистички анализи од МОН и останати државни институции итн.

Следете нѐ на Facebook



Архива


Барање за учество во истражување за учењето на далечина

Објавено на 29 јуни, 2020 во Новости - Нема коментари

Почитувани наставнички и наставници,

Ви се обраќаме во врска со една мошне важна иницијатива за сеопфатно истражување во основните и средните училишта поврзано со здравствената криза и КОВИД-19 што, во голема мера, влијаеше на начинот на кој се реализира воспитно-образовниот процес во нашата земја. Со затварањето на училиштата се измени начинот на кој се реализираат училишните активности и сите учествувавме во прилагодувањето на ново настанатата ситуација. Токму затоа е неопходно да се сумираат сите можни предизвици со кои моравме да се соочиме во овој период и да процениме како треба да се продолжи понатаму. 

Во таа насока ве повикуваме да земете масовно учество во ова истражување кое ги вклучува сите засегнати страни во образовниот процес, а неговата основна цел е да ги сумира сите релевантни искуства и да го процени севкупното влијание на пандемијата COVID-19 врз образовниот процес во земјата. Преку вклучување на сите засегнати страни (даватели и корисници на услуги во образовниот сектор) - директори, наставници, родители и ученици, ова истражување ќе ни даде директен увид во  различните искуства и важните аспекти на учењето на далечина.

Истражувањето ќе се спроведува во две фази, а се реализира од страна на Реактор –Истражување во акција со поддршка од канцеларијата на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија и во тесна соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, како главни корисници. Со овој допис ве контактираме за првата фаза од ова истражување, која се спроведува во текот на периодот 25 јуни – 5 јули, 2020 година и треба да ни даде увид во вашите првични лични искуства од образовниот процес во периодот од затворањето на училиштата, поточно од 10-ти март, до крајот на учебната 2019-2020 година. Во втората фаза од истражувањето ќе ги сумираме искуствата од почетокот на наредната учебна година.

За да успешно ги измериме состојбите и искуствата од новонастанатата реалност што го зафати не само образовниот сектор туку и сите сегменти на нашето живеење, но и за да извлечеме валидни заклучоци и препораки, потребна ни е вашата искрена и навремена соработка. Идните планови и насоки поврзани со наставата на далечина, како и наставата во време на епидемија ќе се водат од вашите лични искуства, потреби и предизвици со кои сте се соочиле.                   

Затоа, најљубезно Ве замолуваме да одвоите околу половина час од Вашето драгоцено време и да ги споделите Вашите размислувања и искуства преку пополнување на прашалниците што Ви се достапни на следниот линк:  

        1.     Линк од прашалникот за наставнички и наставници на македонски јазик (кликни тука) 

        2.     Линк од прашалникот за наставнички и наставници на албански јазик (кликни тука)                  

Притоа, имајте на ум дека сите ваши одговори и споделени податоци се строго доверливи, а вашата анонимност е строго гарантирана од страна на реализаторот. Сите информации што понатаму ќе бидат проследени се анонимни (без лични имиња и обележја) и во форма на групни наоди кои ќе се користат исклучиво за целите на проектот за кој што се собираат. Во согласност со законите за приватност и регулативите за заштита и контрола на податоци, сите ваши податоци ќе се чуваат во рок од шест месеци, по што ќе бидат соодветно избришани. 

Ова е шанса да се слушне вашиот глас за дадената тема и да ни помогнете да добиеме што покорисни информации за конкретните прашања кои ќе ви бидат од корист и вам. Однапред изразуваме искрена благодарност за Вашето учество и придонес кон оваа важна анализа, со надеж дека заемно ќе си помогнеме да го усовршиме и подобриме овој сегмент од нашиот образовен систем.  Доколку имате дополнителни прашања во врска со истражувањето или политиките за приватност, слободно обратете се на контактите посочени подолу.  

Срдечен поздрав,

Министерството за образование и наука

Е-адреса за дополнителни прашања: [email protected]

Напишете коментар